Што е духовна зрелост и зошто е важна за препознавање на сопствените реакции на животните околности
„Кога некој верува во себеси, не се обидува да ги убеди другите. Кога некој е задоволен со себеси, не му треба туѓо одобрување. Кога некој се прифаќа себеси, целиот свет го прифаќа.“ „Спознавањето на другите е интелигенција- спознавањето на себеси е мудрост. Совладувањето на другите е сила-совладувњето на себеси е вистинска моќ. Ако сфатиш дека имаш доволно, тогаш си навистина богат.“ Лао-Це

Овие мисли на стариот кинески мудрец Лао-Це се блиску до описот на духовно зрела личност. Духовната зрелост е способност на човек правилно да реагира на се околу себе, на стрес, односно свесно и разумно да се соочи со својата животна одговорност и правилно да ја употреби својата воља, покорувајќи им се на мотивите кои го наведуваат на соодветно однесување.
Духовната зрелост е важна за хармоничен живот. Таа не е тесно поврзана со годините и искуството. Таа е состојба на умот, поинакво гледање на работите. Духовна зрелост е кога ќе ги прифатите луѓето такви какви што се и кога ќе сфатите дека секој е во право од своја перспектива. Престанувате да се обидувате да ги промените другите, наместо тоа се менувате себе си. Човек што е духовно зрел ги отпушта работите, не ги потиснува во себе. Кога ќе се елиминираат сите очекувања од една врска, кога давате без да очекувате ништо за возврат и тоа свесно го правите тогаш правите многу за својот мир и за личниот духовен и социјален раст. Иако ова им е својствено на многу малку луѓе и звучи речиси неспоиво со човечката природа, со темперамент и нескротените емоции, тоа се елементи на духовна зрелост на личност која престанува на светото да му покажува колку е интелигентна, туку понизно работи најдобро што умее.
Духовната зрелост е слобода, односно не барете одобрување од никого за да се сакате и почитувате себе си, и да постапувате во склад со вашето битие. Духовно зрелиот човек не се споредува со другите и го развива своето битие. Тој е во мир со себе и со околината. Во состојба е да ја разликува потребата од желбата и наместо да се заситува и среќата да ја гледа во материјалните нешта, духовно зрелиот човек ужива во секој момент од својот живот, гладен е за искуства и љубов, живее во хармонија, радост, се ускладува со природата и со сите живи суштества на земјава. Многу од овие работи се непоимливи и недостижни за многу луѓе кои прво го гледаат лошото наместо убавото-малата црна точка на белиот лист харија, иако белината доминира. Тешко е сам да си ја земеш слободата во свои раце и да си го креираш животот. Се зависи од нашето срце, душата и вољата.
Зрелата индивидуална свест е онаа што што го завршила процесот на индивидуализација, односно самоостварувањето, самоосвестувањето, самопрепознавањето. Патот на индивидуализацијата, односно созревањето на свеста завршува во бесконечната индивидуалност. Тоа значи дека личноста е свесна за бесконечната свест, бесконечното постоење, достапно и е бесконечното знаење, љубов и моќ.
Трите елементи на духовната зрелост се разумот, одговорноста (прифаќање или отфрлување) и мотивацијата (покорување на добрите или на деструктивните мотиви).
Незрелата реакција на искушението, доведува до отфрлување на личната одговорност, губење здрав разум, и покорување на сопствената воља на деструктивни мотиви. На повеќето луѓе речиси секогаш некој друг им е виновен. Наместо да мислат со своја глава, луѓето се претопуват со мнозинството, а на злото најчесто одговараат со зло, наместо со добро. Зрелата индивидуална свест го спознала Бога како единствена стварност, а се останато како илузија.
Соња Стојановска
