Уште 30 дена притвор за Камчев
Доказот со кој Орце Камчев е во притвор, е незаконит и истиот треба да биде исфрлен од постапката, истакнуваат од одбраната, која денеска ќе поведе постапка за утврдување на незаконитоста на доказите, со цел остварување на уставно загарантираните права на слобода и безбедност, на ефикасна и делотворна одбрана...

Нови 30 дена притвор за бизнисменот Камчев. Од скопскиот Кривичен суд соопштуваат дека е продолжен притворот на Камчев осомничен во случајот „Плацеви на Водно“.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за Ј.К., донесе решение со кое сѐ уште постојат околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП и го прифати предлогот на Обвинителството со што ја продолжи мерката притвор за 30 дена“- стои во соопштението.
Одбраната на Камчев поведе постапка за незаконитост на докази. Сметаат дека доказот со кој Камчев е во притвор е незаконит и треба да се исфрли од постапката. Адвокатот на Камчев ова го нарече киднапирање, бидејќи Камчев, како што наведоа, бил буквално киднапиран откако два дена од 12-ти до 14-ти февруари бил незаконски следен.
Адвокатот на Камчев чека од македонскиот суд да се произнесе, доколку не, тогаш ќе се оди во Европскиот суд за човекови права. Менкиновски вели и дека Камчев ги има сите услови да се брани од слобода, и нема да побегне, за што се доказ неговите два пасоша кои се обезбедени од судот. Адвокатот на Камчев, објави дека тој пет дена бил држен без питка вода во истражниот затвор. Ова не било метод за преживување ниту во Северна Кореја, додава Менкиновски.
Ана Јосифоска- Тодоровска
