ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со спротивни ставови за случајот со запленетата дрога
МВР треба да се засрами бидејќи е неспособна и пробиена од сите страни како швајцарско сирење, велат во ВМРО- ДПМНЕ коментирајќи го случајот со запленетите 200 килограми марихуана...

МВР треба да се засрами бидејќи е неспособна и пробиена од сите страни како швајцарско сирење, велат во ВМРО- ДПМНЕ коментирајќи го случајот со запленетите 200 килограми марихуана. Сите знаат дека не може и не смее никој да работи со дрога во државава ако нема амин од Заеви или пак, ако не води директно нивна операција која што тие самите ја спроведуваат за шверц на наркотици, вели портпаролот Арсовски преку кого ВМРО- ДПМНЕ инсистира Заеви да ги објават уделите во фирмите кои се поврзани со одгледување канабис.
Последните акции што ги презеде Министерството за внатрешни работи за разбивање организирана група која незаконски издавала патни исправи и заплената на огромна количина на дрога се доказ за бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата, возвратија Социјалдемократите.
Двете акции во кои се уапсени и вработени во МВР се потврда за професионалниот, ефикасен и неселективен пристап на полицијата во спречувањето незаконско дејствување, порачува СДСМ.
Минатата недела во акцијата кај Росоман покрај останатите, беше уапсен командирот на полицијата во Прилеп и возачот на братучедот на премиерот Заев. Тој посочува дека лицето Александар не е вработено во фирмите на Заеви, ниту е нивно возилото со грчки таблици. Проценетата вредност на запленетата марихуана е 800.000 евра.
Миле Ристески
