Заев, Села и Гаши начелно се договорија, ДУИ бара опозицијата да не манипулира
Заев, Села и Гаши начелно се договорија, ДУИ бара опозицијата да не манипулира со бројките. Не се 3.000, туку 1.300. Законот за државјанство најверојатно ќе претрпи промени, ќе се водиме според европските стандарди. Имаме 800 граѓани фантоми, тврди премиерот...

Успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите, а до крајот на неделава на основа на анализата која експертите ќе ја направат, ќе може да дојдеме до законското решение за државјанстват, истакна премиерот Заев по средбата со лидерите на Коалицијата Алијанса и Алтернатива, Села и Гаши.
„Се видоа детално бројките колку граѓани кои немаат државјанство, или кои не стекнале државјанство со брак, поради враќање во земјата ги бараат државјанствата и врз основа на тоа ги отворивме сите важни прашања, заокруживме доминатни европски пракси. Годините за стекнување на државјанство кај нас е престој од осум години, имаме европски земји каде што имаме пет, седум, десет години. Ќе се извади еден просек, и согласно Европската Унија ќе се формира една бројка“, рече премиерот Заев.
За исходот од средбата, премиерот истакна дека Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ја информираат опозицијта, а веќе следната недела очекува предлог- законот да се најде пред пратениците со што ќе се одблокира Собранието.
Лидерот на Алтернатива, Гаши ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка во донесувањето на законот.
„Кога веќе сме на повидок на решавање на проблемот со Законот за државјанство, а ВМРО-ДПМНЕ има интерес да се донесе законот за петтиот сет економски мерки, ги повикуваме да ги повлечат амандманите за Законот за државјанство и ние ќе ги повлечеме амандманите за Законот за петтиот сет економски мерки“, нагласи Гаши.
Зијадин Села рече дека со усвојувањето на предлозите на законот решаваме децениски проблем на околу 3.000 граѓани кои досега не беа во можност да добијат македнско државјанство. Тој демантираше дека поставувал ултиматум за стекнување на државјанство само со тројца сведоци.
Претходно Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Адеми ги отфрли шпекулациите со бројки со кои, како што рече, се манипулира од страна на Алтернатива и Алијанса.
Тој укажа на податоците според кои во изминативе 30 години со документ за државјанство се стекнале вкупно 43.321 Албанци, а само 3.374 од нив биле одбиени, додека над 2.674 се во постапка.
Марина Стојанова- Тонева
