Јапонија

Загадената вода од „Фукушима“ ќе се испушта во Тихи Океан

13.04.2021 12:52

Јапонската влада не се откажува од испуштање повеќе од милион тони контаминирана вода во Тихи Океан, од уништената нуклеарна централа „Фукушима“. Остри реакции од Кина и Јужна Кореја. Меѓународната агенција за атомска енергија не гледа проблем во јапонскиот метод за отстранување на водата. Со поддршка и американската администрација...

Повеќе од милион тони контаминирана вода од уништената нуклеарна централа „Фукушима“ ќе биде испуштена во Тихиот Океан- реши јапонската влада.

„Оценивме дека е можно испуштање на пречистената вода во морето и дојдовме до договор за основните мерки. Ќе го намалиме нивото на концентрација на тритиум на околу една четвртина од референтните вредности утврдени од Јапонија, и една седмина од одредниците за вода за пиење поставени од СЗО. Ќе ја задржиме транспарентноста со будното следење од трети страни како што е Меѓународна агенција за атомска енергија која внимателно ќе следи“, изјави Јошихиде Суга, премиер на Јапонија.

Испуштањето вода во морето треба да почне за две години, а целиот процес ќе трае со децении. Рибарите и дел од населението жестоко се противат на одлуката на Владата откако во јавноста се погласни се гласините за долгорочни штетни ефекти врз живиот морски свет.

„Свесни сме дека луѓето се многу загрижени. Ќе сториме сѐ за да ги сузбиеме гласините. Важно е да се доставуваат точни информации и внатре и надвор од Јапонија. Остануваме транспарентни до крај“, вели Томоаки Кобајакава, претседател на електрична компанија во Токио.

Револтирани од одлуката се и соседите. Кина потегот го оцени како многу неодговорен, додека Јужна Кореја изрази сериозна загриженост за влијанието врз безбедноста на луѓето и животната средина.

„Одлуката на јапонската влада е апсолутно неприфатлива. Тоа е и еднострана мерка решена без доволна дискусија и договор со нашата земја. Ќе ја пренесеме нашата загриженост до Меѓународната агенција за атомска енергија и ќе побараме транспарентни информации за тоа како се третира водата на централата и како се проверува нејзината безбедност на меѓународно ниво“, рече Ку Јун-Чеол, министер во Владата на Јужна Кореја.

Незадоволство и од Тајван, додека Меѓународната агенција за атомска енергија тврди дека избраниот јапонски метод за отстранување на водата е и технички изводлив и во согласност со меѓународната практика.

„Методот што Јапонија го избра е технички изводлив и е во согласност со меѓународната практика. Контролираните испуштања на вода во морето рутински ги користат нуклеарни централи во светот и тие се прават под строга контрола заснована на строги безбедносни и еколошки стандарди. Ние сме подготвени да обезбедиме техничка поддршка при прегледување на безбедно и транспарентно спроведување на централата“, вели Рафаел Маријано Гроси, генерален директор на МААЕ.

И американската администрација со поддршка на одлуката на јапонската влада, оценувајќи дека тоа е во согласност со глобалните безбедносни стандарди.

 

Бојана Крстевски