Ковид-19

Имунизацијата со „Спутник В“ тече непрекинато

13.04.2021 15:11

Во арената „Борис Трајковски“ денеска завршува вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура. Преостанатите дози од „Спутник В“ ќе се распределат по возрасни групи. Од утре боцкањето ќе се врши во вакциналните пунктови...

Непрекинато тече имунизацијата во спортскиот центар „Борис Трајковски“, со вакцината  „Спутник В“. Лекарите не забележале несакани ефекти и алергиски реакции. Граѓаните велат дека единствена заштита од вирусот е вакцинацијата, а простор за страв и паника нема.

Пред вакцинирањето задолжителни се лекарски прегледи кај секој пациент. 50 волонтери на Црвениот крст од почетокот на имунизацијата се вклучени во процесот како поддршка за граѓаните.

Во тек е третиот бран на Ковид-19. Во болниците низ државата се лекуваат вкупно 1.768 ковид-пациенти, од кои 725 се во Скопје, а 1.043 во другите градови. Слободни се околу 300 кревети, од нив 65 во Скопје, информира Министерството за здравство. Спас од вирусот се гледа единствено во имунизацијата.

Вакцинацијата со „Спутник“, продолжува низ државава во вакциналните пунктови низ здравствените домови, а во тек е и онаа со „Астра Зенека“, наменета за повозрасната група на граѓани.

Александра Спировска