Медицински лица од Македoнија ќе се обучуваат во елитната бриселска болница „Едит Кавел“

20.03.2014 15:25

Во еден од најголемите медицински центри во Европа, Груевски денеска имаше средба со директорот Жад де Тоеуф, со кого постигна договор за потпишување на Меморандум на разбирање меѓу Република Македонија и болницата „Едит Кавел”...

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска постигна договор со елитната бриселска болница „Едит Кавел“ и во иднина овој врвен медицински центар ќе биде место каде македонски лекари, медицински сестри и друг медицински пероснал ќе може да се стекнат со обука за најновите методи што се применуваат во медицината, јави МИА.
 
Во еден од најголемите медицински центри во Европа, Груевски денеска имаше средба со директорот Жад де Тоеуф, со кого постигна договор за потпишување на Меморандум на разбирање меѓу Република Македонија и болницата „Едит Кавел”.
 
„Имаме зацртано програма со која сакаме да воспоставиме соработка со поголем број успешни и напредни медицински центри и болници, заради континуирано испраќање на нашите лекари, медицински сестри и друг медицински персонал на обука, главно за нови методи кои постојано излегуваат за различни болести и потребни третмани за лекување на болестите. Целта е тие да се обучат и да ги имаат најсовремените достигнувања во делот на нивната специјализација“, истакна премиерот Груевски.   
 
Жак де Тоеуф потврди дека е постигнат договор што ќе треба да се формализира на хартија во вид на Меморандум за разбирање во кој прецизно ќе биде опишано што ќе треба да сторат двете страни за соработка во однос на медицинско образование.