Земјоделците се пријавуваат за субвенции
Земјоделците почнаа да се пријавуваат за финансиската поддршка од новата програма за субвенционирање за 2021-ва година. На нивните сметки треба да се најдат скоро 61,7 милиони евра. Најголем дел од директните плаќања се предвидени за растителното производство.

Со 2 милијарди денари годинава ќе се субвенционира растителното производство, или со речиси половина од сумата предвидена во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството.
Право на државна помош земјоделците ќе имаат и за премии за осигурување, за заштита на земјоделско земјиште, за млади земјоделци и жени носители на земјоделски стопанства. Остануваат и досегашните мерки за складирање на пченицата и субвенцијата од 50 проценти за зелената нафта, односно најмногу до 100.000 денари по земјоделско стопанство.
За заостанатите обврски поради специфичноста на производството и неисплатените субвенции на земјоделците од 2012-та до 2020-та година, за враќање на долгот се предвидени скоро 1,5 милијадри денари.
Со 10 милиони денари ќе се поддржуваат и одредени категории носители на земјоделско стопанство. Дополнителни 10 за млад земјоделец и 20 проценти за регистриран индивидуален земјоделец.
Зголемена субвенција им следува и на мали земјоделски стопанства и на сточарските фарми.
Методија Трајков
