Украина и Авганистан главни теми на самитот на НАТО
Неизвесноста кај западните земји е резултат на зголеменото воено присуство на границите и извештаите за непочитување на прекинот на огнот на Полуостровот за кој се бореа проруските сепаратисти и украинските сили...

Источна Украина се враќа во фокусот на дипломатските агенди поради опасноста од можното заживување на конфликтот по анектирањето на Крим. Неизвесноста кај западните земји е резултат на зголеменото воено присуство на границите и извештаите за непочитување на прекинот на огнот на Полуостровот за кој се бореа проруските сепаратисти и украинските сили. Киев тврди дека Русија распоредила по 40 илјади војници на границата со источна Украина и на Крим. Москва образложи – единиците учествуваат во вежба за подготовка за одбрана бидејќи НАТО ги засилувал капацитетите на Арктикот и на руските западни и јужни граници.
„Трупите на САД и НАТО, од Европа се преместија на руските граници. Главните сили се сконцентрирани во Црно Море и во балтичките региони. Вкупно, 40 илјади воени сили и 15 илјади парчиња опрема и возила се на целата територија, особено стратегиската авијација“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
Во телефонси разговор, претседателот на САД Џо Бајден побара од рускиот колега Владимир Путин да работи на намалување на тензиите и предложи самит во трета земја за да се разговара за серија билатерални прашања. Овој пат теренот го подготвуваат во координација со европските партнери. На кризни состаноци во Брисел се министерот за одбрана Лојд Остин и државниот секретар Ентони Блинкен.
„Очекуваме односот до Русија и натаму да биде предизвик. Очекуваме дека и натаму ќе водиме сложени разговори и подготвен сме за тоа. Но целта е да имаме релација со Русија која ќе биде предвидлива и стабилна и да имаме дијалог за потребните планови. Овој разговор е прв на тоа ниво“, изјави Џен Саки, портпарол на Белата куќа.
Во Брисел се дискутира и за авганистанскиот фронт. Новата администрација на Вашингтон го пролонгира првомајскиот рок и планира трупите да ја напуштат земјата до 11 септември, 20 години по нападите на Ал Каеда кои резултираа со најдолгата американска војна.
Маја С. Филдишев
