ХОТАМ бара еднократна помош за туристичкиот сектор
Исто како Туристичко угостителската комора, така и хотелската асоцијација ХОТАМ бара еднократна неповратна помош за хотелите и угостителите. Државата да направи проценка врз основа на платени даноци и обрт и да даде реална помош на секторот...

Туристичкото стопанство на распиратор. Исто како Туристичко угостителската комора, така и хотелската асоцијација ХОТАМ бара еднократна неповратна помош за хотелите и угостителите. Државата да направи проценка врз основа на платени даноци и обрт и да даде реална помош на секторот, која во моментов е повеќе од потребна. Досега добиле само поддршка за плати, но тоа е само еден од расходите, туристичко угостителското стопанство тоне во долгови.
„Владата ќе мора да го одврзе ќесето и да даде еднократна помош што ја бараме за да закрепне секторот. За кратко влегуваме во месец мај ние очекуваме некаква сезона, но ако го промашиме и мај останува малку за да се спасува оваа сезона“, вели Крсте Блажески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.
Туристичкиот сектор очекуваше во април да се врати во колосек, но поради третиот бран на пандемијата повторно сѐ е под клуч. Засега никој не може да прогнозира каква ќе биде сезоната, но со сигурност се знае дека и годинава таа ќе задоцни.
„Очекувавме досега да почнеме реална работа во сите сектори, од ресторани, хотели но не се случи тоа. И најреално помошта е потребна на сите сектори од туризмот. Само сме во очекување, не можеме ништо повеќе, да видиме што времето ќе донесе“, додава Блажески.
Хотам бара и што поскоро донесување на петтиот пакет мерки и поддршка за плати за месеците февруари, март и април.
Соња Рилковска
