Во МНТ досега 23.000 посетители

20.03.2014 16:23

Актерите велат дека со отворањето на новиот објект, граѓаните добиле мотив почесто да го посетуваат театарот и да се подготвуваат, како што тоа некогаш го правеле нашите баби и дедовци...

Откако е отворен новиот објект на МНТ досега се изиграни над 40 претстави, кои ги гледале над 23.000 посетители. Досега се поставени 2 премиери на големата и една премиера на малата сцена. Моментално актерите на МНТ ја спремаат новата претстава на режисерот Златко Славенски, „Сината птица“. Премиерата е планирана за почетокот на мај.

„Театарот е еден тип на колективно мечтаење, сега имаме многу голема помош и од технологијата на сцената, која ни пружа можност таа магија да дојде до израз“, вели режисерот Златко Славенски.

Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ за април најавува засилено темпо, со секојдневни претстави и на големата и на малата сцена напоредно.

„Идејата е од 30 дена во месецот, да имаме над 30 претстави во МНТ“, нагласува Лилиќ.

Актерите велат дека со отворањето на новиот објект, граѓаните добиле мотив почесто да го посетуваат театарот и да се подготвуваат, како што тоа некогаш го правеле нашите баби и дедовци.

„Има муабети низ градот... Кај си? Еве сум на фризер, вечер сум на претстава и леле како ќе одам, ноктите не ми се направени!...Што значи битно им е и сакаат да изгледаат убаво да бидат видени, да испијат чаша вино, да продискутираат за претставата“, вели актерот Сашко Коцев.

Министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска вели дека вработениот кадар успеал да создаде една симбиоза и позитивна енергија, во која е задоволство да се работи.

„Видов една силна позитивна уметничка енергија и за работа и за творење, нешто што мислам дека им значи и на сите вработени“, истакна министерката за култура.

За април се подготвува премиера на претстава на светски познатиот режисер Жолдак.

 

Александра Перевска