Ковид-19

Почнува вакцинацијата на граѓани под 75 години

15.04.2021 10:54

Денеска почнува вакцинирање и на граѓани под 75 години, пријавени преку сајтот „vakcinacija.mk“, или преку матичните лекари. Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје вчера заврши вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура. Досега се вакцинирани близу 30.000 граѓани...

Од денеска ќе може да се вакцинираат граѓаните на возраст под 75 години, кои се пријавени преку апликацијата „vakcinacija.mk“ или преку матичните лекари. Тие ќе добијат термини за вакцинирање во Скопје.Тоа значи дека сите граѓани на возраст од 74 и 73 години кои се пријавиле во следниот период ќе бидат вакцинирани- соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Како доаѓаат вакцините, така ќе се надополнуваат системите, посочи Филипче. Како што информира, од компанијата „Фајзер“ преку директен договор на 19 и 26 април треба да стигнат по 10.000 дози. Исто така, се очекува и информација од Руската амбасада за дополнителни количини на вакцината „Спутник“, а до крајот на месецов би требало да пристигнат 76.000 дози на „Астра Зенека“.

Министерот најави дека се очекува од Кина да стигнат 200.000 вакцини, кои ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација, што веќе се спроведува ширум државата.

Ќе работиме во овој период што е пред нас, очекувајќи ги кинеските вакцини што ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинација и места за масовна вакцинација во уште неколку градови по примерот на салата „Борис Трајковски“, а тоа ќе бидат градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, покривајќи соодветни региони околу овие здравствени домови што може овој процес да го изменаџираат со кадар, додаде Филипче.

Инаку, деновиве се бележи тренд на намалување на бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19. На инфективните оддели заклучно со вчерашниот ден има 1.762 пациенти заболени од Ковид-19. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка. Во ковид центрите има околу 310 празни болнички кревети.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 144.111. Оздравени се 119.683, а починати 4.322. Бројот на активни случаи изнесува 20.106.