НАТО се повлекува од Авганистан
Сојузничките сили на НАТО од 1-ви мај ќе почнат со повлекување од Авганистан, одлука на состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на НАТО. Американскиот претседател Бајден најави повлекување на сите американски трупи, околу 2.500 војници до 11-ти септември годинава..

Сојузничките сили на НАТО од 1-ви мај ќе почнат со повлекување од Авганистан, одлука на министрите за одбрана и за надворешни работи на НАТО. Сојузниците очекуваат со тоа да се создадат услови за ново поглавје за иднината на Авганистан, во која главната улога ќе ја имаат граѓаните на земјата.
„Во Авганистан сме скоро 20 години години. Плативме висока цена и во крв и во богатство. Илјадници наши војници и од сојузниците како и многу партнери нации и во Авганистан платија висока цена. Заеднички спречивме Авганистан да биде територија за терористички напади против нашите земји“, рече генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Американскиот претседател Бајден рече дека САД ја исполниле целта Авганистан повеќе да не служи за напад врз Америка, најавувајќи повлекување на американските трупи од Авганистан до 11-ти септември.
„Отидовме во Авганистан поради ужасниот напад што се случи пред 20 години. Но, тоа не може да објасни зошто треба да останеме таму и во 2021 година“, рече претседателот на САД, Бајден.
И Австралија соопшти дека ќе го заврши повлекувањето на трупите од Авганистан во септември.
„Во текот на изминатите две години, го намаливме военото присуство во Авганистан од повеќе од 1.500 лица на околу 80 лица во моментот. Одлуката за повлекување претставува значајна пресвртница во воената историја на Австралија“, нагласи Скот Морисон, премиер на Австралија.
Граѓаните на Авганистан со различни реакции на одлуката на САД за повлекување на своите трупи.
„Пред да дојдат американските трупи тука, немавме никакви проблеми во нашите животи. Американската војска е тука долго време. Ако целосно се повлече, луѓето ќе можат повторно да се обединат и да му се вратат на мирниот начин на животот.“
„Многу сум загрижена бидејќи ако војниците заминат, влијанието на Талибанците може да се зголеми. Тоа може да го ограничи учеството на жените во општеството“- велат жители на Авганистан.
Експертите сметаат дека целта на Талибанците за целосно повлекување на странските трупи од земјата е на дофат на рака.
Марина Ристова
