Евтините кредити– појас за спас на компаниите
Досега со парите од ЕИБ се поддржани над 1.000 проекти и се отворени околу 5.000 работни места...

За пет години, 350 милиони евра му се ставија на располагање на бизнис – секторот преку евтините кредитни линии од Европската инвестициска банка. Пари наменети за инвестиции и за обртни средства. Раде Кончар беше една од првите компании кои зедоа кредит. Купија машини и опрема за модернизација на производството.
„Сега можам да кажам дека сме при крај со отплаќањето на тие кредити. Акогo затвораме кредитот, тоа значи дека сме одлични. Овие кредити многу ни помогнаа да испливаме од ситуацијата во којашто бевме во почетокот. Ние сме подготвени повторно да земаме нови кредити, да инвестираме во нови производи“, изјави Аце Антевски, директор на компанијата.
Првата кредитна линија, тешка 100 милиони евра, стана достапна кон крајот на 2009-та година, во екот на кризата. Компаниите беа гладни за свеж капитал. Парите ги повлекоа за една година. Како што се црпеа средствата, така се одобруваа нови кредитни линии. Договорот за повлекување на четвртата се потпиша на почетокот на годинава. Бизнисмените можат да здивнат.
„Кредитната линија од ЕИБ дефинитивно стана најповолна и е најискористена од страна на малите и средните претпријатија“, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.
„Сите компании кои имаа квалитетни проекти, но се соочуваа со проблеми со ликвидноста, ги искористија овие средства, со што се ублажија ефектите од кризата“, вели Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Досега со парите од ЕИБ се поддржани над 1.000 проекти и се отворени околу 5.000 работни места.
Кредитната линија од ЕИБ се реализира преку државната, Македонска банка за поддршка и развој, во соработка со деловните банки. Се работи за исклучително поволни кредити, со атрактивна каматна стапка од 5,5 проценти, рок на отплата од осум години и две години грејс период.
Најголем дел од парите искористиле производствените компании, па следуваат трговците, фирмите од услужните дејности, транспортерите, градежниците.
Мартин Пушевски
