Под истрага четири лица за набавка на софтвер
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување...

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 став 5 од Кривичниот законик.
Првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, од јануари 2019-та до јули 2020-та, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.
Ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци за двајцата првоосомничени, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор.
За останатите осомничени е даден предлог на судот да им определи мерки на претпазливост, соопшти Јавното обвинителство.
