Свет

Тензично долж украинско- руската граница, САД и Русија со нова дипломатска војна

16.04.2021 12:53

Претседателите на Франција и Украина, Макрон и Зеленски на видеоконференција со германската канцеларка Ангела Меркел поради опасноста од повторно разгорување на конфликтот со руските единици на граничниот премин. Русија го зголеми военото присуство на Крим, тврди дека е подготовка за одбрана, а не закана за другите. Москва се закани со реципрочни мерки по новите американски санкции...

Претседателите на Франција и Украина, Емануел Макрон и Володимир Зеленски на видеоконференција со германската канцеларка Ангела Меркел поради опасноста од повторно разгорување на конфликтот со руските единици на граничниот премин. Меѓу главните точки е и барањето на Киев за пристап во НАТО. Новата средба на т.н. „Нормандиски формат“ е со цел да се заштити суверенитетот на Украина и да се намалат тензиите откако Русија го зголеми военото присуство на Крим за што тврди дека е подготовка за одбрана, а не закана за противниците. САД застанаа во одбрана на украинскиот суверенитет, обвинувајќи ја Русија за провокативни дејствија и неоправдано зголемување на воените капацитети. Полуостровот беше анектиран во 2014 година што резултираше со вооружен конфликт и десетици илјади жртви.

Пукаат во последниве денови. Секој чека да се случи војна, но никој не знае како ќе завршат преговорите.

Ќе живееме и ќе видиме. Сакаме да заврши, сите сакаат да живеат мирно, и овде и таму“- велат жители на полуостровот.

Односите меѓу САД и Русија се влошија и поради обвинувањата за мешање на Кремљ во ланските претседателски избори и хакерските напади врз федерални агенции за кои Вашингтон ја обвинува Москва. Поради тоа беа санкционирани шест руски компании и десетмина дипломати.

САД не сакаат да почнат циклус на ескалација и конфликт со Русија. Сакаме стабилна и предвидлива реалција. Ако Русија продолжи да се меша во нашата демократија, подготвен сум да преземам дополнителна акција“, изјави претседателот на САД, Бајден.

Москва се закани со реципрочни мерки.

Агресивното однесување ќе наиде на силен отпор. Неизбежни се реакциите на овие санкции. Вашингтон мора да сфати дека ќе плати за деградирањето на билатерланите односи“, рече Марија Захарова, портпарол на руското МНР.

По најавата за повлекување на трупите од Авганистан, санкциите за Русија се вториот голем потег во надворешнополитичката агенда на САД кои периодов беа фокусирани најмногу на пандемијата со Ковид-19.

 

Маја С. Филдишев