Новиот закон за кривична постапка е предизвик за обвинителите, судиите и полицијата

20.03.2014 17:05

Повеќе од 15 спогодби во кривични постапки се остварени според новиот закон кој ја регулира оваа материја. По признавањето на вината од страна на обвинетите изречени биле и ефективни, но и условни казни, зависно од тежината на делото.

Првиот човек на обвинителството вели дека ова ќе го намали бројот на предмети пред судовите,  долгите постапки, ама и притворите ќе ги скрати. Тврди дека секогаш детално истражуваат во предистражната постапка дали е оправдано изрекувањето на притворот.

„Не водиме посебна статистика за тоа колку барања за притвор се прифатени, меѓутоа ако вие имате посебна информација за тоа дека сe прифатени сите наши барања, тоа значи дека нашите барања биле добро образложени“, вели јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Новиот Закон за кривична постапка е предизвик и за судиите, и за обвинителите и за полицијата, смета американскиот амбасадор во земјава, Пол Волерс.

„Приспособувањето на системот според професионланите капацитети ќе одземе време. Всушност за да стане успешен е потребно време, но тој ќе биде одличен систем“, вели абасадорот Волерс.

Академијата организираше 70 почетни обуки, а ги почнува напредните обуки што ќе ги има дваесетина.

Фиљана Кока