Принудно забрзување на долгоочекуваните промени во образованието
Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики

Дигиталниот начин на образование не е нов и е често присутен во високо развиените земји, така што на ново наметнатата состојба треба да гледаме како на можност што ќе придонесе сите чинители да се прилагодат на современите текови на образованието.Така, почетокот на кризата предизвикана од КОВИД-19 го донесе почетокот на новиот начин на настава во образованието.
Светска банка спроведе анализа на влијанието што го имаше дадената ситуација врз високото образование и според неа, во секој регион од светот мнозинството студенти се соочиле со прекин во конвенционалната настава или со промени во следењето на наставата. Имено, во Европа и во Централна Азија оваа бројка изнесува 97%, во Супсахарска Африка, Источна Азија и Пацификот оваа бројка изнесува 98%, додека пак во Северна Америка, Централна и Јужна Америка, Карипскиот Регион, Јужна Азија, Северна Африка и Блискиот Исток бројката изнесува 100%. Според тоа, вкупниот број на студенти кои во суштина биле погодени и принудени на промена во нивната секојдневна универзитетска настава (за многумина во насока на онлајн настава) на светско ниво изнесува дури 99%. Тоа ни укажува дека неверојатно голем број универзитети ја прекинаа традиционалната настава лице в лице (WorldBankGroupEducation 2020).
Најдрастичната промена што настапи во сферата на високото образование ширум светот е целосната дигитализација на наставата. Веднаш по одлучувањето за прекин на конвенционалната настава, голем број универзитети одлучија да не дозволат неодреден прекин на студиите што ги нудат и како резултат на тоа посегнаа по дигитализација на своите ресурси, материјали и предавања. Другата можна опција за која можеа да се одлучат универзитетите е привремениот прекин на студиите, со можност за нивно продолжување во понатамошните месеци. На тој начин, тие сметаа дека полесно ќе го одржат квалитетот на студиите и не би биле погодени од принудната дигитализација. Секој од универзитетите ширум светот самостојно одлучува за начинот и пристапот на дигитализација на студиите што ги нуди.
Дигитализацијата на универзитетите најчесто се спроведуваше преку различни видеоконференциски платформи, преку електронски пошти или низ одредени персонализирани универзитетски веб-системи/платформи за двонасочна комуникација. Анализирајќи ги сите овие приоди на универзитетите при справувањето со пандемијата, УНЕСКО направи категоризација на најефективните електронски средства за учење од далечина што се применуваат. Како сугестии за примена на средствата за дигитална едукација се наведуваат: Dingtalk, Lark, HangoutsMeet, Teams, Skype, WhatsApp, Zoom, CenturyTech, ClassDojo, Edmodo, Edraak, EkStep, GoogleClassroom, Moodle, Nafham, Schoology, Seesaw, Skooler и др. Универзитетите во голема мера одржуваа електронска настава и претежно се служеа со низа од овие различни средства на комуникација и дигитална едукација.
Може да се заклучи дека за сите универзитети во светот, во поглед на нивното непосредно справување со новонастанатата ситуација, заеднички е токму пристапот кон неочекуваната промена. Универзитетите веднаш започнаа да ја префрлаат наставата во виртуелниот свет и да функционираат онлајн. Тие ги презедоа следните чекори: активности на краток рок (на пр., употреба на видеоконференциски платформи) и на среднорочен план (на пр., соработка со националните власти за зајакнување на националните и институционалните капацитети);ги мобилизираа широко употребуваните ресурси; организираа брз пристап до ресурсите и респонзивен пристап до администрацијата и професорите;веднаш ги пласираа постојните содржини (на пр., претходно подготвени материјали, снимени лекции и сл.),проверувајќи ја нивната полза; изградија добар систем на комуникација помеѓу факултетите, студентите и сите други засегнати страни (Ѓорѓиев и Барлаковски 2020). Очигледно, брзината со која се ширеше кризата предизвика ефективна адаптација на образовните установи за непрекинатото онлајн спроведување на образовниот процес, без разлика на пречките со кои се соочуваа.
Во почетокот на месец април, УНЕСКО спроведе анализа за начинот на којшто државите во различни делови од светот се справија со овој проблем, при што беа утврдени неколку пристапи што се применуваа од нивна страна. Имено, државите се одлучија за еден од овие пристапи: одржување на испитите во предвидените термини на крајот од семестарот; откажување на испитите; одложување/презакажување на испитите; онлајн спроведување на клучни испити; воведување на алтернативни пристапи на полагање и оценување или намалување на вкупниот број на испити. Според анализата, за одржување на испитите се одлучиле 22 држави од различни региони во светот (Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Блискиот Исток, Азија и Пацификот); за откажување на испитите се одлучиле 11 држави (од некои региони во Европа, Северна Америка, Африка, Азија и Пацификот); за одложување/презакажување на испитите се одлучиле 73 држави (од региони во Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Блискиот Исток, Азија и Пацификот); за онлајн спроведување на клучните испити се одлучиле 11 држави (од региони на Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Блискиот Исток, Азија и Пацификот); за воведување на алтернативни пристапи на полагање и оценување се одлучиле 23 држави (од региони на Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Блискиот Исток, Азија и Пацификот); и за намалување на вкупниот број на испити се одлучиле 4 држави (од региони на Европа, Северна и Јужна Америка, Азија и Пацификот). Анализата на УНЕСКО не ја специфицира точната бројка на држави што се анализирани, но напоменува дека во неа биле опфатени државите кои се членки на УНЕСКО (193 држави) и одредени држави што не се членки. Заклучокот е дека до почетокот на месец април се забележуваат низа различни пристапи на државите при одлучувањето за (не)спроведување/одложување на (онлајн) полагање испити и оценување на учениците. Доминантно голем број држави (73) одлучиле да ги одложат, односно да ги презакажат предвидените испити, додека пак значително мал број на држави (11) се одлучиле за онлајн спроведување на испити и оценување на студентите. Сепак, битно е да се напомене дека ваквите одлуки подлежат на лесна промена во зависност од општествената состојба со вирусот КОВИД-19 во засегнатите држава. Според тоа, може да се очекува да дојде до значителни промени на овие одлуки во натамошните месеци.
Во насока на запазување на стандардите, образовните институции се потпираат и на можноста за набљудување на спроведените онлајн испити со помош на присуство на трети лица или со употреба на компјутерска програма наменета за набљудување во времетраењето на испитот. Најчести компјутерски програми за набљудување што се користат низ светот се: Respondus, ProctorU, Proctorio, Examity, Honorlock, ExamSoft и др. Сепак, ваквите програми не наидуваат на широка поддршка поради фактот што нивната примена во одреден степен се коси со приватноста на учениците.
Кај нас, соочени со последиците од пандемијата, Владата на РСМ и Министерството за финансии имаа сложена задача да избалансираат помеѓу драстично намалените даночни приходи и пронаоѓање средства за помош на економијата, која остави без работа многу бизниси и силно го наруши секојдневниот живот. Ребалансот на Буџетот за 2020 година, донесен од Владата на РСМ на 14 мај, покажува дека дел од компромисите повторно паднаа врз средствата предвидени за инвестици и во екологијата и образованието. Буџетот на МОН е скратен за речиси 700 милиони денари или 2,5%, додека 400 милиони денари се додадени за справување со кризата предизвиката од КОВИД-19, 705 милиони денари се скратени од основното, средното и високото образование. Од буџетските средства наменети за универзитетите е скратено во просек по околу 40 милиони денари по универзитет. Целосно се скратени парите предвидени за изградба на факултетите за информатички науки и компјутерско инженерство и физичка култура кои се градат во Кампусот на УКИМ, за кои првично се планираа 70 милиони денари, а преполовен е и буџетот на Агенцијата за квалитет на високото образование, од 5,1 на 2,6 милиони денари, односно вкупно има 1,6 милиони евра помалку за инвестиции во образованието. Ова е само уште еден показател колку е тешко и комплексно одвивањето на суштинска промена во образовниот систем кај нас во услови на долготрајна здравствена криза која сериозно влијае врз економијата.
Како потврда дека расте свесноста за оваа значајна тема кај нас е појавата на сајтот посветен на дигиталниот активизам. Платформата „Дигитален активизам“ претставува онлајн простор каде што на едно место може да се најдат сите ресурси на Институтот за комуникациски студии изработени во различни проекти. Целта на платформата е да им овозможи на граѓаните, активистите, медиумите, училиштата, невладините организации и сите други да имаат полесен пристап до едукативни и информативни содржини. Појавата на вакви корисни платформи е можност за сите кои се втурнати во процесот: ученици, родители, наставници, воопшто граѓаните, дигитално да се едуцираат, да стекнат нови знаења и вештини и полесно да се снајдат во новонастаната состојба.
Почнувајќи од март 2020, со наметнатата настава од далечина, за која беа неопходни новите технологии, во медиумите и на социјалните мрежи во голема мера се разговараше на оваа тема, се отвораа прашања и се нудеа решенија. Нашето општество стана свесно за неопходноста од дигиталната писменост.
Надлежните институции и ние како родители имаме должност на новите генерации да им овозможиме образование со кое ќе имаат можност во иднина да станат рамноправни граѓани на светскиот пазар на трудот. Наметната состојба за учење од далечина нѐ принуди забрзано да започнеме со долго одложуваните промени.
Продолжува...
