Куманово

Пандемијата не го погоди градежништвото

16.04.2021 15:39

Пандемијата не го погоди градежништвото во Куманово. Податоците покажуваат дури и пораст во градбите во споредба со претходните години. Лани во Куманово биле издадени 96 одобренија за градба, што е значајно повеќе од 2019-та. Градбите продолжуваат и во првото тромесечје оваа година. Но, во градот се работи само на четири станбени единици...

Коронакризата не го запре градежништвото во Куманово. Статистиката покажува дека не е намалена изградбата на станбени единици и индивидуални домови. Напротив, лани дури е забележан пораст во споредба со 2019-та година. Секторот за урбанизам, во годината која ќе се помни по Ковид- 19, издал 96 одобренија за градба, а оваа година во првото тромесечје веќе се одобрени 23. Од нив повеќето се однесуваат за градење индивидуални куќи, а четири за колективни згради. На дневно ниво информираат од општината пристигаат по три барања за градби.

„2019 година од пресекот што го направив е послаба од 2020, кога беше екот на пандемијата, а мислам дека и 2021 ќе биде успешна како 2020, градежништвото мислам дека пандемијата не го погоди многу. Во моментов активни предмети кои се наоѓаат во фаза за  градежни дозволи, а се однесува на барања за одобренија за градење се 40, што значи дека како поминува времето, така ќе излегува по некое ново одобрение за градба“, изјави Емилија Сларидис Јаневска, раководител Сектор за урбанизам Општина Куманово.

По основ на комуналии оваа година општината во првото тромесечје собрала над 23 милиони денари, што велат оттаму е добра бројка, бидејќи лани завршиле со 59 милиони вкупно. Во 2019-та пак биле уплатени само 29 милиони денари. Кумановци, пак со мислење дека изградбата на станбени згради е значително намалена, за разлика од претходно кога владееше градежна експанзија. Велат најмногу побарувања има од печалбарите од Авганистан.

„Сега во оваа ситуација со пандемијата мислам дека поспоро оди“- вели еден повозрасен кумановец.

„Да се гради нормално, најчесто купуваат млади што заминале надвор од државата“- дополнува друг кумановец.

„Повратници од Авганистан што се враќаат тие купуваат, и станови и автомобили и се, инаку изградбата на станбените единици е опадната на многу ниско ниво“- нагласува трет.

Во Куманово цената на нови станбени единици за метар квадратен се движи од 700 до 900 евра.

Елена Георгиевска