Предлог- законот за Шар Планина во собраниска процедура
По две децении од иницијативата за заштита на Шар Планина, предлог- законот за прогласување на дел од ова подрачје за заштитено влезе во собраниска процедура. Законот го помина првото читање во матичната комисија во Собранието со едногласна подршка од пратениците. Од Платформата „Пријателите на Шара“ го поздравуваат ваквиот чекор кој според нив е само почеток на заштита на планината...

Кога ќе заврши постапката и конечно кога Македонија од нејзиното осамостојување ќе добие за прв пат национален парк зависи од волјата на пратеничките групи во понатамошните собраниски процедури, изјави за МТВ мининистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Првото читање дава позитивно светло, затоа што помина со едногласна подршка од пратениците со 10 гласа и без ниту еден против, вели министерот.
Од Платформата „Пријателите на Шара“ се надеваат дека постапката до прогласувањето нема тука да заглави. Но, во меѓувреме бараа забрана за изградба на нови хидрицентрали, за кои веќе држава дала концесии и дозволи. Во спротивно Националниот парк ќе ја изгуби смислата, ако градежната механизација сече шума и секне планински извори за лично богатење.
Министерот Нуредини, вели дека води преговори со концесионерите да се откажат од градба на нови хидроцентрали, дел од нив веќе даваат позитивни сигнали.
11 хидроцентрали на Шара се веќе во функција, девет се во фаза на изградба, а за уште 5 се дадени концесии во најдлабокиот и недопрениот дел од планината, но за нив не се започнати никакви градежни активности.
Инаку Националниот парк ќе се протега долж целиот Шарпланински масив. Најниската точка ќе биде на височина од 550 метри. Во рамки на паркот ќе бидат сите села кои ќе припаѓаат во третата зона или зона на одржливо користење.
Зоран Димовски
