По изборите продолжува пристапниот дијалог со ЕУ

20.03.2014 17:27

По изборите во Македонија продолжува Пристапниот дијалог на високо ниво во чии рамки досега се постигнати значителни резултати во клучните реформски области. Ова го договорија на средбата вицепремиерот Бесими и министерот Попоски со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Заеднички бил ставот дека поголемо внимание во иднина треба да се посвети на областите кои се клучни за пристапните преговори.

„Искориститвме на состанокот да разговараме за тоа што до сега е направено на овој план и која е конкретната динамика за наредниот период“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.

Следната сесија на Пристапниот дијалог на високо ниво ќе биде концентрирана на најзначајните области за водење на преговорите за членство во ЕУ и за обезбедување на континуитет во реформите.

„Имеме неколку цели кои се заеднички договорени со Европската комисија. Најпрво сакаме да ги заокружиме сите оние реформи кои се најзначајни за пристапниот дијалог во досегашниот процес, потоа да се потсетиме на оние кои ќе ни бидат најбитни во фазата на преговори за пристапување на Македонија кон ЕУ, и во овој правец разговаравме за можноста да го одржиме следниот состанок веднаш по одржување на изборите“, изјави министерот Попоски по средбата.

На средбата се разговарало и за претстојните претседателски и парламентарни избори, a заеднички заклучок бил дека европската агенда за Република Македонија останува стратешки приоритет и реформите во тој дел нема да имаат прекин.

 

Миле А. Ристевски