Ќе се врати ли стариот сјај на кумановската бања?!
Нема лек за надалеку прочуената кумановска бања. Иако од неодамна бањата е отворена за капачите, добропознатите извори сè уште чекаат на реконструкција. Кумановци не се откажуваат од водата, која според составот се споредува со бањите во Франција и Чешка. Неодамна кумановски пратеник започна иницијатива за реконструкција на ова природно богатство. Но ќе остане ли тоа само празно ветување, или навистина ќе се врати сјајот на геотермалниот извор …

Различен отпад, дотраени чешми, уништена урбана опрема, графити со непристојна содржина, е сликата која може да се види во геотермалниот извор. Кумановската бања во атарот на Проевце, сè уште е запуштена. Од пред 10-ина години, бањата доби нов концесионер, кој ја уреди внатрешноста, работи на хотелски комплекс, но добропознатите извори, чекаат на реконструкција.
Кумановци, жителите на останатите општините, но и од соседните држави, и покрај лошите услови, ги користат чешмите, бидејќи водата според состав се смета за една од трите најпознати во Европа. Според лековитите својства, еминентни лица, лекари ја споредуваат со бањите во Франција и Чешка.
Во овој геотермален извор, кој се наоѓа на само три километри од Куманово, граѓаните наоѓаат лек за стомачни, гинеколошки, психички, очни и кожни проблеми, како и полесни форми на шеќерна болест.
-Со години ја користиме, ни одговара, добра е водата. Лековита, за нервите е супер. Треба да се реши, да се поправи тука нешто-нагласува кумановка.
-Сега нема ништо запуштено е, дури ми е криво, користиме вода, еве јас затоа дојдов, смирува живци-истакна еден кумановец,
Иницијатива за реконструкција на ова природно богатство неодамна започна кумановски пратеник. За македонската телевизија Костовски раскажува дека со концесионерот постигнале договор за заедничка реконструкција.
-По изготвен проект и поставување урбана опрема да направиме една убава акција со изградба на мало базенче, кај што повозрасните луѓе ќе имаат можност да ги користат бенефитите на оваа лековита вода, нормално и кумановци кога ќе дојдат во поголем број да имаат каде да седнат и да се рекреираат-вели пратеникот Мартин Костовски.
Од општината пак ја поздравуваат иницијативата, но велат не можат да инвестираат во имот, кој не е во нивна надлежност. Кумановци пак се надеваат дека реконструкцијата нема да остане само празно ветување.
Елена Георгиевска
