Османи го повика Мицкоски да не ги внесува шпекулациите околу нон-пејперот во внатрешно-политичката дебата
Османи рече дека разговарал со словенскиот шеф на дипломатијата Логар. Тој го уверил оти премиерот Јанез Јанша не стои зад документот и дека нема промена во политиката и стратегијата на Словенија кон Македонија и кон регионот...

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, да не ги внесува шпекулациите околу нон-пејперот во внатрешно-политичката дебата во земјата, бидејќи може сериозно да ги наруши односите со Словенија, која е наша пријателска земја. Османи рече дека разговарал со словенскиот шеф на дипломатијата Логар. Тој го уверил оти премиерот Јанез Јанша не стои зад документот и дека нема промена во политиката и стратегијата на Словенија кон Македонија и кон регионот.
„Мој став е дека два модели се покажаа како најуспешни во регионот. На државно ниво тоа е охридскиот рамковен договор, на регионално ниво е евроатлантската перспектива на регионот, којашто не доведе во ситуација за две децении само, од регион во којшто имаше конфликти и војни, пред неколку месеци во Софија да потпишеме договор за заеднички пазар меѓу земјите од западен Балкан. И тоа е исклучителен квантен скок во односите и во процесот на помирување во регионот и тоа е силата на евроатлантската интеграција“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Шефот на дипломатија Бујар Османи ги претстави првите четири економски советници кои ќе ги имплементираат економските политики на различни дестинации. Илија Псалтиров во Варшава, Абдилџемил Саити во Минхен, Сузана Тунева во Анкара и Бекри Ајдини во Абу Даби. Османи истакна дека избраните советници имаат искуство од економски аспект, а нивната задача ќе биде да ги претстават потенцијалите на земјава како привлечна дестинација за странски инвестиции. Потенцираше дека МНР има над 900 дипломати, а новите четири ќе бидат дел од таа мрежа. Трошоците за нив ќе бидат во рамките на вкупните трошоци на МНР за дипломатската мрежа низ светот.
Александра Спировска
