Лавров: Санкциите на САД и ЕУ се незаконски
Лавров потсети и дека историската одлука за соединување е донесена поради трагичните случувања во Украина, и дека референдумот бил одржан согласно меѓународните закони.

Долниот дом на рускиот парламент го усвои договорот за припојување на Републиката Крим и градот Севастопол кон Руската Федерација. Со утрешното гласање и во горниот дом на парламентот ќе се заврши процедурата за ратификување на договорот. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека санкциите од САД и од Европската Унија се незаконски бидејќи советот за безбедност на ОН е единственото официјално тело коешто може да ги наметне.
„Унилатералните санкции не му донеле никому ништо добро. Сите знаеме кои чекори ги преземаат западните земји. Причината за тие санкции е одлуката на Крим да се припои кон Русија. Тие не обвинуваат нас и граѓаните на Крим за прекршување на меѓународниот закон и украинскиот устав“, рече Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Лавров потсети и дека историската одлука за соединување е донесена поради трагичните случувања во Украина, и дека референдумот бил одржан согласно меѓународните закони. На првата парламентарна сесија по припојувањето на Крим кон Русија, украинските законодавци гласаа да продолжат со борбата за територијалниот интегритет на земјата. Ја повикаа и меѓународната заедница да не ја признава анексијата на полуосторовот, ниту пак нејзините граѓани како Руси.
„Украинскиот парламент го привлекува вниманието на светските влади, меѓународните огранизаци поради фактот што украинскиот народ никогаш нема да ја признае анексијата на автономната република Крим којашто насилно беше одземена од страна на Русија“, вели Олександар Турчинов, вршител на должност претседател на Украина.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун по средбата со рускиот претседател Путин поради украинската криза, се очекува да отпатува и во Киев каде што ќе се сретне со претседателот Турчинов.
Во меѓувреме, Русија го засилува военото присуство на Крим заради заштита на полуостровот од надворешни закани, а украинските граничари на Крим под контрола на руската војска почнале да се разместуваат во внатрешните региони на земјата.
Марина Автовска
