Чешка

Протерани 18 руски дипломати

18.04.2021 14:09

Според премиерот, чешките разузнавачки агенции доставиле докази за вмешаност на руски воени агенти во експлозијата во магацин за оружје во која загинаа две лица...

На осумнаесет руски дипломати идентификувани како шпиони им е даден рок од 48 часа да ја напуштат Чешка, соопштија властите. Според премиерот, чешките разузнавачки агенции доставиле докази за вмешаност на руски воени агенти во експлозијата во магацин за оружје во која загинаа две лица. Бабиш истакна дека Чешка, како суверена држава, мора да реагира на тоа.

„Вицепремиерот Хамачек беше информиран за сериозен настан поврзан со безбедноста на нашата земја. Ние го информиравме претседателот Милош Земан за ова кој ја изрази својата апсолутна поддршка. Врз основа на јасни докази добиени од нашите безбедносни служби, морам да кажам дека постои основано сомнение за вмешаност на руски офицери во службата за безбедност“, изјави Андреј Бабиш, премиер на Чешка.

„Многу ми е жал што чешко-руската врска ќе трпи поради ова. Сепак, како што рече премиерот, треба да реагираме. Имав состанок со рускиот амбасадор во Чешка, Александар Змејевски и му соопштив дека како министер за надворешни работи, решив да ги депортирам сите работници на руската амбасада во Прага, кои беа јасно идентификувани од нашата тајна служба како припадници на руската тајна служба“, изјави Јан Хамачек, министер за внатрешни работи на република Чешка.

 

Марина Ристова