Свет

Чешка бара НАТО и ЕУ да разговараат за одговор против Русија

19.04.2021 13:48

Министрите за надворешни работи на Европската унија на состанок за наводната вмешаност на Русија во експлозиите во Чешка. Прага бара НАТО и ЕУ да разговараат за одговор против Русија. За Москва обвинението е „апсурдно“. Ден по одлуката на Прага да се протераат 18 руски дипломати, Кремљ со контра одговор, 20 чешки дипломати персона нон грата...

Чешка бара НАТО и ЕУ да разговараат за одговор против Русија по откритието дека руски разузнавачи се одговорни за експлозијата во магазин за оружје во 2014-та во која загинаа двајца чешки државјани. Чешкиот министер за внатрешни работи соопшти дека идентификувале двајца руски разузнавачи како осомничени за експлозијата на оружје што требало да биде испорачано на Бугарија. Официјална Прага го смета како акт на државен тероризам и затоа протера 18 руски дипломати.

„Сенатот долго се бори против негативното влијание на Русија и недемократските сили кои не загрозуваат. Постои јасен доказ дека Руската тајна служба била вмешана во експлозијата на магазинот во Врбетице. Овој чин треба да го сметаме како акт на агресија и непријателство и да одговориме соодветно“, изјави Милош Вајсртцил- претседател на Чешкиот сенат.

„Прекршено е меѓународното право. Терористички чин бил извршен на територија на Чешката Република во Моравија, при што загинаа двајца чешки државјани“, вели Павел Фишер- чешки сенатор.

Москва ги отфрли обвинувањата за вмешаноста во експлозијата и вложи официјален протест за протерувањето на руските дипломати од Чешка. Како одговор протера 20 чешки дипломати од Русија.

„Тотално лаже информација за вмешаноста на Руската специјална служба во екплозиите на воениот магазин во Чешката Република. Претходно, чешките власти ги обвинуваат сопствениците на магазинот. Сакам на нагласам дека ова е непријателски чин, но ги знаме причините за него. Чешките власти ги следат американските инструкции на штета на своите национални интереси“, изјави Марија Захарова- портпарол на руското Министерство за надворешни работи.

По одлуката за протерување на чешките дипломати од Москва, официјална Прага ќе протера и други руски дипломати од Чешка.

„Реакцијата на одлуката на Руската Федерација да го протера персоналот од нашата амбасада во Москва е посилна од очекуваното. Повеќе руски дипломати ќе бидат протерани покрај 18-те руски разузнавачи. Треба да очекуваме реакција, но Чешката Република не направи ништо лошо. Станавме жртва на руските операции и со ова Русите покажаа дека им пречи што чешките безбедносни сили влегоа во резиденциите на руските разузнавачи. Правиме сѐ за да ги вратиме нашите дипломати од Русија. Ќе пратиме специјален владин авион да ги врати безбедно дома“, изјави Јан Хамачек- министер за внатрешни работи.

По објавата дека Русија е одговорна за експлозијата во магазин за оружје, стотици чешки граѓани излегоа на протести пред руската амбасада во Прага.

 

Ирина Гелевска