Стопанска комора

По Велигден повисоки цени на месните производи

19.04.2021 14:17

По Велигденските празници, за 40 проценти повисоки цени на месните производи доколку преработувачите на месо не бидат вклучени во шестиот пакет мерки и не се намалат царините за месните суровини, најавуваат од групацијата. Велат - не бараат субвенции, туку изедначување на условите на стопанисување...

По Велигденските празници повисоки цени на месото и месните производи од 20 до 40 проценти доколу преработувачите не бидат вклучени во шестиот пакет мерки, најавуваат од групацијата при Стопанската комора. Ќе растат и ако не се продолжи одлуката за ослободување на царините за увоз на суровини.

Од Комората велат дека не бараат субвенции, туку изедначување на условите на стопанисување за да можат да опстојат и да го задржат бројот на вработени.

Поради ковид- пандемијата, има раст и на глобалните цени на суровините за преработка на месо. Враќањето на давачката од 20 насто царина може да доведе и до затворање на производни капацитети, предупредуваат од групацијата.

Според нив досегашните мерки изминатите три години дале резултати. Увозот на готови месни производи се намалил за 28 проценти годишно, а домашното производство забележало раст меѓу 8 и 15 насто.

 

Сунчица Николоска