Европа изгуби на значење за САД!

21.03.2014 09:30

Американско-европските односи никогаш не биле на пониско ниво од сегашното, заклучи поранешниот американски помошник државен секретар Џон Колнблум. По случувањата во Украина, Американците се за проширување на НАТО, додека Европејците сметаат дека не е време за ново проширување на самитот во септември...

Приоритет за американскиот Претседател Барак Обама е Азија, додека Европа изгуби на значење. Дури и по кризата во Украина, постои поделеност. Половина од земјите членки на Европската Унија не се солидаризираа да воведат економски санкции против проруските лидери во Украина, како што бара Вашингтон.

„Соединувањето на европскиот проект на интеграција ќе се одвива најмалку уште половина век. Нема да успее ако Соединетите Американски држави не играат улога заедно со европските држави врз основа на состојбата во светот денес, а не како во 1945-та, кога обединувањето на Европа не беше наш проблем“, вели Џон Колнблум-поранешен помошник државен секретар за Европа.

Американските претставници сметаат дека проширувањето на НАТО мора да продолжи за да не се случи нова ситуација како Украина што не доби Акционен план за членство на самитот во Букурешт. Европски експерти пак сметаат дека сега не е време за проширување, туку за зацврстување на Алијансата.

„Членот 5 е клучен. Би било добро кога шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО го истакнат ова заедно сега, да не чекаат да го направат тоа на самитот бидејќи настаните се случуваат многу брзо“, Франсоа Хеинсбург- Фондација за стратегиски истражувања во Лондон.

При престојната посета на Обама во Европа, помошта за Украина неминовно ќе биде тема на разговорите, но и престојните избори на 25 мај за Европскиот Парламент и нова украинска влада.

Америка и Европа на самитот во Брисел треба да најдат начин за соработка во областа на енергијата за да се избегне зависноста од Русија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник за МРТ од Вашингтон