ДЕН ПО ГЛАСАЊЕТО НА ПРАТЕНИЦИТЕ ВО СКАФАНДРИ

Џафери тврди- протоколите се испочитувани, ВМРО- ДПМНЕ најави кривични пријави

19.04.2021 16:11

„Здравствените протоколи се испочитувани“- претседателот на Собранието, Талат Џафери за гласањето на пратениците во скафандри. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство. За спикерот, таа е беспредметна. Од СДСМ велат – Парламентот мора непречено да функционира, не бевме сигурни дека опозициската партија ќе присуствува на донесувањето на петтиот пакет-мерки…

По изгласувањето на петтиот сет економски антикризни мерки, власта и опозицијата излегоа со различни пораки. Според собранискиот спикер Талат Џафери, пратениците во Собранието биле донесени според посебен протокол усвоен на 18-ти ноември. Според него, пратениците ниту во воена состојба не смеат да бидат попречувани во нивната работа за да носат закони, секако, како што посочи доколку опозицијата не сака да учествува во работата на законодавниот дом и блокира закони со илјадници амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност за сите, од лицата кои ги пропуштиле двајцата пратеници да влезат во Собранието и ризикувале да го загрозат здравјето на сите, до Талат Џафери, кој дозволил нивно гласање, иако истите имаат решение за изолација и не смеат да го напуштаат домот и да го посетуваат работното место. Оттаму најавија дека ќе поднесат кривични пријави до Обвинителството против пратениците во скафандри.

За кривичните пријави кои ги најавува опозицијата, Џафери вели дека се неосновани, зашто тој се водел, како што појасни, според протоколите кои ги пропишува Комисијата за заразни болести.

СДСМ смета дека присуството во Собранието на двајцата пратеници заболени од коронавирус облечени во скафандри и затворени во кабини, не го загрозува здравјето на останатите пратеници, бидејќи тоа било изведено според протоколот одобрен од здравствената комисија.

Парламентарното мнозинство реши да стави крај на уцените од парламентарната опозиција, обезбедивме кворум и потребно мнозинство, Собранието беше функционално и ефикасно, порачуваат од СДСМ.

Во Собранието има околу дваесетина седници кои не се завршени. По лидерската средба на Заев и Мицкоски, падна договор да се деблокира Собранието за донесување на триесетина закони кои се однесуваат на евроинтеграции, како и за законите кои предвидуваат мерки за справување со здравствена криза од пандемијата и санирање на економските последици по стопанството и граѓаните.

Игор Панов