Еколошка кампања „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“
21.03.2014 09:38
Под мотото „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“ денеска се реализира вториот ден од еко-акцијата за засадување рози

Кампањата се реализира по повод Денот на пролетта - 21 март.
Целта на кампањата е масовно засадување рози низ градовите на целата држава. Розата има исклучителна способност да ги задржи и акумулира штетните елементи, особено тешките метали од водата, воздухот и почвата. Таа е повеќегодишно цветно растение, лесно за одгледување на различни простори. Може да живее од 20 до 30 години, цвета уште во првата година од своето садење и е расцветана 200 дена во годината.
Изборот за розата се базира на научни резултати добиени од студијата „Присуство на олово и други тешки метали во животната средина во градот Скопје“. Во рамките на истражувањата, испитувани се почвите, цветовите и листовите на розите, тревите, како и иглолисни и листопадни растенија.
Државниот секретар во МЖСПП и национален координатор на оваа кампања Соња Лепиткова денеска ќе ги посети општините Велес и Штип. Таа заедно со градоначалниците Славчо Чадиев и Илчо Захариев, со дипломатскиот кор во Македонија, министри, претставници на бизнис заедницата, невладини организации, ученици и граѓани ќе се вклучат во акцијата.
Оваа акција ќе се спроведува во 50-тина општини во Македонија. Во Скопје ќе се садат рози на повеќе локации, во паркот „Македонија“, на булеварите „Илинден“, „Партизански одреди“, „8 Септември“, во реонот на Карпош 4.
Министерството за животна средина ги поканува граѓаните, институциите и општествено-одговорните компании да се приклучат во пролетната национална акција и засадувајќи рози во дворовите, на балконите или во кругот на своите компании, да го дадат својот придонес за почиста и поздрва животна средина.
Во активностите ќе се вклучат и учениците од основните училишта во Македонија. Ќе организираат продажни изложби на своите творби на тема „Роза“. Собраните средства ќе ги искористат за купување садници на рози, кои ќе ги садат во училишните дворови.
