Туристичко-угостителскиот сектор денеска на протест
Околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор денеска напладне, пред Министерството за финансии, ќе почнат со најавените протести. Владата, пак, на прес-конференција ќе соопшти детали за претстојниот шести сет економски мерки...

Околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор денеска напладне, пред Министерството за финансии, ќе почнат со најавените протести. Владата, пак, на прес-конференција ќе соопшти детали за претстојниот шести сет економски мерки.
Од денеска треба да почне и аплицирањето за финансиска поддршка на платите, мерка што беше дел од петтиот антикризен пакет, но не можеше да се реализира до донесувањето на законите во Собранието.
Туристичко-угостителскиот сектор бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, еднократна финансиска помош за угостителските објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и мораториум или репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.
Барањата на туристичките агенции се еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома“ да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.
