Студеното време направи штети во земјоделството, вегетацијата доцни
Студеното време и подпросечните температури во одредени денови изминатиот период, сепак направија штети во земјоделството. Засега тие се оценуваат како помали што ќе доведе до проретчување на родот кај овошните насади. Според експертите годинава вегетацијата доцни од 10 до 13 дена...

Неповолните временски услови во изминатиот период, по забележаните минимални негативни температури на повеќе места предизвикаа штети од различни размери, во зависност од интензитетот на мразот.
Во некои делови во земјава, минусните утрински температури беа блиску или под критичната граница за некои овошки, но се очекува штетите да бидат помали, односно со проретчување на родот.
И во текот на оваа недела не се прогнозира драстично подобрување на времето. Температурите во текот на денот ќе се движат околу 20 степени, со врнежи од дожд кои во овој период се добредојдени, по прихранувањето на посевите во сегашната фаза на развојот на растенијата.
Утринските температури ќе се движат од 1-10 степени и ќе ја разладуваат почвата, без да се достигнат оптималните вредности за пролетната сеидба и за пролетен развој на растенијата.
Ваквите временски услови кои подолг период се одржуваат, го успорија развојот на вегетацијата за 10-13 дена во споредба со изминатите години.
Методија Трајков
