КИНА

Џинпинг: Светот мора да избегне каква било Студена војна

20.04.2021 13:48

Светот да избегне нова Студена војна, посилните да не ги наметнуваат своите правила – порача кинескиот претседател Џинпинг. Индиректната закана кон САД е последица на влошените односи поради повеќе прашања. Климатските промени се област во која Кина има предност- тврди американскиот државен секретар Блинкен...

Кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди – светот мора да избегне каква било нова Студена војна. Не прецизирајќи кон кого е конкретно упатена пораката, во своето видеообраќање на економскиот форум на островото Хаинан, ги критикуваше земјите кои се обидувале да спроведуваат унилатерализам и да ги наметнат своите правила врз другите.

Во пандемијата, народите на сите земји сфатија уште повеќе дека е потребно да се напушти менталитетот на Студената војна и играта на нулта сума, и да им се спротивстават на сите облици од нова Студена војна и идеолошка конфронтација. Кога постои слога меѓу државите, во преден план мора да се стават правичноста, меѓусебната почит и довербата“, изјави претседателот Џинпинг.

Поради влошените односи со САД, аналитичарите сметаат дека индиректната критика е адресирана кон Вашингтон. Двете страни спорат околу серија прашања, вклучувајќи ги и економијата и климатските промени. Според САД, оваа азиска земја е во предност во однос на обновливите извори.

Ако не ги стигнеме, Америка ќе ја пропушти шансата да ја создава иднината во полето на климата на начин кој ги одразува и штити нашите интереси и вредности, а ќе загубиме и премногу работни места“, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Администрацијата на Бајден се подготвува за виртуелниот самит за климатски промени на 22 и 23 април. На покана од американскиот претседател, на настанот ќе учествува и рускиот лидер Владимир Путин. Меѓу главните цели е да се претстават новите параметри во намалувањето на стакленичките гасови на глобално ниво.

 

Маја С. Филдишев