Фирмите ќе можат да аплицираат за „Ковид 4“ бескаматната линија
За разлика од другите економски пакети за сите корисници на финансиската поддршка за исплата на плати за февруари и март е предвидено 50 отсто од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови. Сите оние фирми што ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе се трансформира во грант, најави министерот за финансии...

Фирмите и самостојните вршители на дејност имаат на располагање 11 дена за да достават барања за добивање финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и за март годинава. Крајниот рок е 30 април, а ресорот за финансии и УЈП веќе ги подготвија неопходните правилници.
„За оваа мерка издвоивме 1,9 милијарди денари од буџетот за 2021-ва или околу 31 милион евра ќе се опфатат околу 60.000 работници. За секој работник ќе биде исплатена поддршка во износ од 14.500 денари до 21.776 денари за месец“ – изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.
Висината на поддршката ќе ја утврдува УЈП согласно процентот на намалување на приходите на фирмите во последните три месеци пред месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период лани. За намалени приходи од 30 до 40 насто поддршката изнесува 14.500 денари, до 50% износот изнесува 15.995 денари, и се зголемува соодветно, додека за пад над 80% поддршката изнесува максимални 21.776 денари.
УЈП соопшти дека за февруари вкупно 3.774 работодавци не исплатиле бруто-плата за 14.998 вработени, додека за март овој број е поголем за 5,5 пати. Главна причина за доцнењето е ненавременото носење на петтиот пакет на поддршка во собранието, вели директорката Лукаревска.
„Додека за месец март 2021-ва, во законскиот рок до 15 април бруто-плата немаат исплатено 14.998 работодавци за 54.662 вработени лица“ – изјави Саша Лукаревска, директорка на УЈП.
За разлика од другите економски пакети за сите корисници на финансиската поддршка за исплата на плати за февруари и март е предвидено 50 отсто од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови. Сите оние фирми што ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе се трансформира во грант, најави министерот за финансии. Наскоро фирмите ќе можат да аплицираат и за „Ковид 4“ бескаматна линија преку Развојната банка за што се наменети 10 милиони евра. Компаниите што ќе го зголемат бројот на вработени или прометот дел од кредитот ќе им биде трансформиран во грант, изјави Бесими.
Свето Николовски
