Филипче: Институтот Торлак стратешки партнер за набавка на вакцини
Лончар додаде дека македонските државјани можат да се вакцинираат во Србија единствено доколку им биде прифатена апликацијата преку српската владина Е-управа...
Донесена е одлука белградскиот Институт Торлак да биде стратешки партнер на нашата државата при идните набавки на вакцините Спутник во периодот кој следува, изјави министерот за здравство Венко Филипче по средбата во Белград со српскиот колега Златибор Лончар.
Српскиот министер за здравство соопшти дека околу 15.000 македонски државјани се вакцинирани во Србија, а за нивната ревакцинација тој кажа дека ќе се направи договор со македонското Министерство за здравство и можно е вакцините АстраЗенека да ѝ се отстапат на Северна Македонија и граѓаните да ја добијат втората доза во земјава. Министерот Филипче изјави дека македонската влада како знак на благодарност, ќе донесе одлука српските граѓани да бидат ослободени од плаќање на патарина на минување низ земјава во периодот од 15 јуни до 15 август.
Лончар додаде дека македонските државјани можат да се вакцинираат во Србија единствено доколку им биде прифатена апликацијата преку српската владина Е-управа.
При обиколката на Институтот Торлак министерот Филипче изјави дека тој ќе биде местото каде ние за секоја понатамошна нарачка на вакцини може да се обратиме и согласно капацитетот можеме да сметаме дека ќе има доволно количини и за нашите граѓани.
Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек кажа дека во „Торлак“ веќе се подготвува производството на вакцините „Спутник В“, со капацитет од милион дози на месечно ниво и се очекуваат првите дози да се произведат меѓу 5 и 10 јуни, а до 5 јули да бидат произведени околу милион дози вакцина „Спутник Ве“.
Се надевам дека ќе можеме да им излеземе во пресрет на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија и еден дел да се одвои и за вашите граѓани, посочи Ѓерлек.
Оливер Бранковиќ
