Ковид-19

За уште една недела продолжени рестриктивните мерки

21.04.2021 10:56

Останува во сила полицискиот час кој почнува од 20 часот, остануваат затворени кафеаните, кафулињата, како и угостителскиот дел од обложувалниците кои можат да примаат уплати преку наплатен пулт.

Мерките за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на Ковид-19 остануваат во сила уште една недела. Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, вчера одлучи тие да се применуваат до 27-ми април 2021-ва година.

Останува во сила полицискиот час кој почнува од 20 часот, остануваат затворени кафеаните, кафулињата, како и угостителскиот дел од обложувалниците кои можат да примаат уплати преку наплатен пулт. Забрана за работа имаат фитнес-салите, спортските и салите за вежбање, а се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.

Исклучокот се однесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.

Јавниот превоз ќе продолжи да функционира до 20:00 часот, согласно одлуката на Влада. Од ЈСП информираа дека билетарниците и центрите за персонализација ќе работат од 7:00 до 18:30 часот.

Комисијата за заразни болести наредниот понеделник ќе ја разгледа епидемиолошката ситуација и согласно индикаторите треба да даде препораки за продолжување или олабавување на мерките за заштита.