Инвестиции

Потпишан договор за државна помош со Дрекслмајер

21.04.2021 13:09

Нова инвестиција во Кавадарци и Куманово во вредност од 16 милиони евра и околу 1.000 нови работни места...

Потпишан договорот за државна помош за реализација на новата инвестиција на германската компанија Дрекслмајер, со кој се предвидуваат инвестиции од 16 милиони евра и отворање на нови 1.000 работни места во Кавадарци и Куманово.

Вицепремиерот Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор за нова инвестиција на германската компанија Дрекслмајер, е уште една потврда за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата.

„Договорот е за државна помош со компанијата Дрекселмаер за нов инвестициски циклус од 16 милиони евра и 1.000 нови работни места. Инвестициите на Дрекслмајер, направени изминатите 9 години, но и оваа нова инвестиција, покажуваат дека компанијата ги препознава добрите бизнис услови во нашата земја и искрениот однос на Владата кон инвеститорите“, нагласи Битиќи.

Компанијата ќе добие поддршка во форма на ослободување од данок на личен доход за новите вработувања во компанијата, односно за оние кои ќе бидат дел од овој проект, за период до 10 години, како и ослободување од данокот на добивка кој се однесува на новиот инвестицискиот проект, за период од 10 години.

Исто така ќе се изврши исплата кон Дрекслмајер во форма на готовински грант во износ од 10% од износот на оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1.000.000евра, на годишно ниво, за максимум пет години, како и исплата  форма на готовински грант во износ од 2.000 евра, по вработен, за креирање на нови работни места.