Компании

За три месеци ќе има две нови индустриски зони во Штип

21.04.2021 13:44

Бизнис секторот во Штип бара локации за ширење на капацитетите. За таа цел локалната власт планира продажба на над 50 парцели на две нови индустриски зони близу постоечките зони. Продажбата се планира за три месеци, со услов - инвеститорите да ги изградат објектите во рок од две години и веднаш да почнат со работа...

Две нови индустриски зони со над педесет парцели се планира да бидат ставени на продажба во наредните три месеци во Штип. И покрај здравствената и економска криза, добар дел од компаниите имаат потреба од ширење на капацитетите, вели градоначалникот.

Состојбата налага итно почнување со работа на новите капацитети, заради што продажбата на локациите ќе биде условена со изградба на објектите во рок од две години.

Стопанствениците размислуваат и за алтернативни бизниси откако се покажа дека пандемијата најмногу ги погоди трудо-интензивните гранки кои се доминатни во Штип. За да се забрза процесот, општината нема да чека на донесување на нов генерален урбанистички план, туку ќе ангажира економски оператор за изработка на индустриските блокови.

Штип има три индустрински зони, а во непосредна близина на 208 хектари се простира и државната ТИР зона со 37 парцели и само три компании со странски капитал.

 

Славица Величковска