Имунизација

Регионалниот вакцинален центар во Охрид ќе биде подготвен до петок

21.04.2021 14:59

Во Охрид се вршат интензивни подготовки спортската сала „Билјанини извори“ до петок да биде уредена во прв регионален вакцинален центар во земјава. Тука, според планираното ќе се вакцинираат околу 320.000 граѓани од Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево и Ресен. Во исто време течат и подготовките на вработените во Здравствениот дом и Општата болница за масовната имунизација, кои секако ќе имаат подршка од медицинските кадри од другите здравствени институции во градот и од регионот...

Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид најверојатно ќе биде првиот регионален центар за вакцинација во земјава. Според зборовите на градоначалникот Константин Георгиевски до петок објектот целосно ќе биде уреден и подготвен за да започне процесот на масовна имунизација на населението. Веќе се поставени 14-те паравани со 28 вакцинални места, набавен е нов агрегат за ладилникот каде што ќе се чуваат вакцините, се монтираат лед-рефлектори за да се заштеди електрична енергија, а денеска или најдоцна утре ќе пристигнат компјутерите од министерството за здравство за кои е веќе поставена конекција за брз и стабилен интернет.

„Регионалниот вакцинален пункт во општина Охрид ќе ги опслужи општините Дебар, Струга, Ресен, Дебрца, вевчани и Охрид. Тоа се околу 310.000 граѓани и редоследот на вакцинирање ќе оди преку протоколот кој што го има изготвено министерството за здравство. На пример ако имаме ние на располагање 50 илјади вакцини, ќе се отворат 50 илјади термини преку мој термин“, изјави охридскиот градоначалник Константи Георгиески.

Во истовреме се вршат подготовки и во Здравствениот дом во соработка со општата болница од каде што уверуваат дека имаат доволно искуство за успешно да одговорат на овој предизвик.

„Со нетрпение ја очекуваме масовната имунизација. Максимално се ангажираме за реализација на масовната имунизација водеќи сметка во истовреме вакциналниот пункт за антиковид вакцинација при превентивната служба на Здравствениот дом како и вакцините на предшколските и школските деца да се одвиваат непречено и континуирано“, вели д-р Соња Мариноска-раководител на служба за превентива при Здравствен дом – Охрид.

Во процесот на имунизација се очекува да се вклучат и медицински лица од другите здравствени институции во Охрид и од регионот.

 

Сашо Нелоски