Странски инвестиции

„Дрекслмајер“ добива државна помош за новиот инвестициски циклус

21.04.2021 15:54

Во Владата е потпишан договор со германската компанија „Дрекселмајер“, која ќе добие државна помош за својата нова инвестиција. Од септември потпишани се 48 договори со компании кои аплицирале за помош од државата, а денешниот договор е петти, кој е потпишан со странска компанија за нова инвестиција...

Германската компанија „Дрекслмајер“ добива државна помош за новиот инвестициски циклус и со тоа стана петта странска компанија која во изминатите осум месеци склучи договор со Владата за поддршка.

Инвеститорот кој во Кавадарци произведува делови за автомобили ги проширува тамошните капацитети и гради нов погон во Куманово. Вложува 16 милиони евра, а во фабриките ќе работат 1.000 луѓе.

Договорот го ослободува инвеститорот од плаќање на данок на личен доход и данок на добивка во период од 10 години, грант од 10 насто од инвестициските трошоци, но не повеќе од милион евра годишно, како и грант од 2.000 евра по вработен за нови работни места за месечна плата повисока од најмалку 50 отсто од минималната.

Од септември минатата година досега, поволностите од Законот за финансиска помош на инвестициите ги искористија и 48 домашни компании.

Анита Димитријевска Велковска