Град Скопје

Започнува постапката за изградба на БРТ системот за брз автобуски превоз

21.04.2021 14:00

Со денешното потпишување на договорот за заем меѓу Град Скопје, Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој официјално почнува постапката за изведба на БРТ системот за брз автобуски превоз во Скопје...

Со денешното потпишување на договорот за заем меѓу Град Скопје, Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој официјално почнува постапката за изведба на БРТ системот за брз автобуски превоз во Скопје.

Договорот за заем го потпишаа градоначалникот Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси, а на потпишувањето на овој важен документ присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

„Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно со условите кои ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем“, изјави градоначалникот Шилегов.

Идејното сообраќајно решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основа за тендерската документација за набавката која треба да почне во текот на летото. Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.