Дали поразот ве инспирира или ве обесхрабрува?

21.04.2021 14:44

Како функционира нашиот мозок кога ќе доживееме неуспех?Дали ги спуштаме ролетните за ситуацијата да ни изгледа уште побезизлезна и да влеземе во пасивност, или дозволуваме да си докажеме дека можеме подобро, поинаку, како лекција како не треба? Саботерот во нас ги блокира потенцијалите што ги имаме, за да се носиме со различни предизвици.

Постои изрека која вели дека од секоја ситуација постојат 4 излези, дури и кога делува безизлезно. За да не паднете со духот, запишете ги сите можни решенија  што ќе ви паднат на ум. Тоа не е лесно бидејќи менталниот отпор е голем, но секако е полесно тоа отколку конкретните акции што треба да следат. Важно е да се дистанцирате од чувството на беспомошност кое води кон откажување од важните цели или беспоговорно прифаќање на апсурдната ситуација. Вниманитето треба да се насочи кон излезот. Човек мора да пронајде начин да се ослободи од сопствените ограничувања и внатрешни пречки.

Во животот не е можно секогаш да се победи, понекогаш мора да се прифати и поразот. Многумина не знаат како се губи и како да се справат со поразот. Се загрижуваат  и се вознемируваат. Тешко е да се научи да се прифати поразот. Понекогаш тој може да биде и корисен. Најважна работа е да се согледа ситуацијата од вистинскиот агол. Не може да се избегне емоционалната криза , таа го следи секој неуспех. Но кога тоа ќе помине, вреди да се анализира ситуацијата и да се пронајдат позитивните потези. Запамтете дека сити загуби не се толку значајни. Можеби пред себе имате прилика да поправите сѐ и да победите.

Прифатете дека во животот нема целосна правда и светот е суров. Обидете се да го оставите поразот зад вас, одморете се, правете активности што ве радуваат, но не размислувајте за проблемот. Напишете план, барем за една недела, Така ќе бидете зафатени со работа и ќе заборавите на проблемот. Запамтете дека со тек на време сите емоции ќе исчезнат и тогаш загубата ќе ви изгледа безначајна. Ќе нема  никакво влијание на вашиот живот, или пак ќе ви донесе корист и нови можности, затоа што сѐ во животот е релативно.

Како да се направи разлика меѓу немоќта и поразот и како да се прифати.

Не треба да се потиснува чувството на немоќ, затоа што што тоа е здрав извор за психичка моќ. Дури кога ќе се допре дното, може да се тргне кон површината. Ако ја изгубиме контролата над некоја ситуација тогаш се чувствуваме немоќно. Ако се бориме за да да не ја почувствуваме, тогаш се создава дополнително страдање. Сите ние светот го доживуваме низ призмата на сопственото искуство,на желбите, потиснатите чувства и научените концепти. Објективноста   се состои од реални факти, со кои се согласуваме или не. Секое оддалечување од нив носи специфично искривување  и затоа различни луѓе една иста ситуација може да ја доживеат или протумачат на различни начини. Сите сме склони кон тоа да да ја устоличиме својата слика и мислење како вистински. Тоа се манифестира во многу ситуации.

Ралика меѓу немоќ и пораз

Немоќ е едно од најтешките чувства и всушност повеќе е телесна сензација отколку само чувство. Тромост, исцрпеност, тежина во телото, тоа се главните манифестации на немоќта. Кога не е препознаена и  допуштена, немоќта не совладува и не мачи со претерано размислување и смислување стратегии, а после тоа сме многу исцрпени, односно немоќни.

Многумина не ги разликуваат немоќта од поразот. Ако не успеете некого да го уверите во тоа како вие гледате на работите, или ако не успеете да реализирате некоја идеја, лесно може да се чувствувате поразени. Поразот носи еден вид пониженост, срам, затоа што тоа е замислена слика на неприфаќање на себе си како немоќен пред другите.  Другиот излегол победник. Прифаќањето на немоќта е нешто сосема друго. Тоа е интимен процес, допуштање на „потонување“ во  телото. Потоа некое време трае, а кога ќе помине сликата се разбиструва и многу работи изгледаат поинаку. Во човекот повторно почнува да се буди здраво чувство на моќ, но овој пат е поинаку насочено. Ако веќе не можеме да  промениме некого или нечие мислење, сигурно постои нешто што можеме да промениме, а тоа е своето однесување, своите очекувања, или пак можеме да се оддалечиме и да се насочиме кон односи кои се поквалитетни. Може и да се случи наеднаш да почнеме да забележуваме други начини кои можеби би не одвеле до целта.

Немоќта е одличен учител само треба да и се дозволи да постои и да може да се изрази, и покрај тоа што не е пријатно. Иако на прв поглед изгледа дека нас нѐ прави неспособни, немоќта нѐ приземјува. Нѐ прави способни да одиме понатаму на долги патеки, како во креирањето поквалитетни релации со други луѓе, така и во остварување на желбите и идеите.

Соња Стојановска