ЗДРАВЈЕ

Тајните на тибетската медицина- природна рамнотежа, баланс на телото, умот и душата

22.04.2021 10:57

Според тибетската медицина сите патологии се создаваат поради трите таканаречени отрови: незнаење, приврзаност и аверзија(одбивност). Тоа се трите емотивни фактори, кои ја нарушуваат енергетската рамнотежа меѓу четирите елементи од кои се состојат човекот и универзумот- вода, воздух, оган и земја. На тој начин ја разбиваат нашата способност за одбрана и самоизлекување.

Традиционалната тибетска медицина, заедно со кинеската и индиската ајурведа, се трите основни медицински системи на Истокот.

Спомнувањето на Тибет асоцира на Хималаите и студот, на Далај Лама и на тајните на овој древен народ, на нивната животна филозофија, мудрост и традиционална медицина. Тибетските свештеници илјадници години собираат билки на неколку илјади метри височина, а нивната подготовка, проткаена со молитви е тајна. Хималите се природна пречка за сите љубопитни, па и за непријателите. Токму затоа и културата и медицината се развивале самостојно и многу специфично.

Нејзините корени датираат неколку илјади години. Првите записи се од 1900-та година пред новата ера. Тибетската медицина е единствен холистички систем на профилакса и лекување. нејзината цел е да биде корисна за сите луѓе, на начин што поддржува рамнотежа на севкупниот физиолошки систем на човечкиот  организам, да се живее здрав живот, живот без болести, а во случај на болест да се дојде до потполно излекување.

За разлика од пристапот на западната медицина, тибетската не препознава надворешни напаѓачи, како вируси и бактерии, туку функционира  на база на враќање на енергетската рамнотежа. и доколку еден организам ја има, станува недопирлив или отпорен на болести. Според тибетската медицина сите патологии се создаваат поради трите таканаречени отрови: незнаење, приврзаност и аверзија(одбивност). Тоа се трите емотивни фактори, кои ја нарушуваат енергетската рамнотежа меѓу четирите елементи од кои се состојат човекот и универзумот- вода, воздух, оган и земја. На тој начин ја разбиваат нашата способност за одбрана и самоизлекување.

Тибетската дијагностика ги вклучува анализата на пулсот, јазикот и урината. Духовниот елемент е исто така присутен. се посветува внимание на особеностите  на секој пациент. Лечењето е специфично, прво му се кажува дека болеста е во неговиот ум. Тоа всушност не значи дека болеста си ја умислил, туку дека неговиот начин на живот е погрешен и дека треба повеќе да му се посвети на телото. Се препорачува промена на начинот на живот кој вклучува и духовна практика, вежбање, реорганизирање на животните потреби како што  е спиењето, храната и распоред на денот. Вклучува и медитација, едноставни вежби за дишење и контрола на умот. Препорачуваат и лековити билки и минерали. Се користат преку 3000 билки, а лекот може да содржи и до 250 состојки. Тоа се  растенија кои растат на специфични места, се собираат само во одредено време, дури и конкретен ден во годината, во зависност од годишното време, местото, климата,  распоредот на ѕвездите во моментот на бербата, а сето тоа влијае на енергијата на лековитите билки и одредува поголема или помала ефикасност. Лековите се сосема природни во вистинска смисла на зборот.

Физичката терапија се применува во вид на акупунктура, масажа.  инхалациска терапија и рефлексотерапија. Се користат и компресирани подготовки од билки и минерали, потоа пуштање на крвта, лековити купки и облоги.

Тибетската акупунктура се разликува од кинеската, се користи само една златна игла на чакрите, односно основните енергетски центри, а посебно на седмата чакра која се наоѓа на врвот на главата.

Тибетската медицина се учи напамет, се пренесува само усно, кон тоа се придржуваат сите тибетски лекари, кои учат и по 10 години како помошници на искусните. Тие мораат сами да ги пронајдат суровините, сами да ги обработат, и сами да ги направат комбинациите на лековите. Еден од законите на тибетската медицина вели дека лекарот мора да знае со што го лекува заболениот.

Повеќето Тибетанци живеат во Индија, затоа што беа протерани во 1950-тите години. Во Северна Индија постои Тибетски Медицински Институт  каде што се студира медицина 7 години.

Тибетската традиционална медицина вклучува широко познавање на методите на дијагностика, анатомија, физиологија, ембриологија, енергетика на организмот, патологија, психијатрија, диетологија, правилен начин на живот, лековити средства, надворешни процедури, а исто така терапија со звук (лековити мантри).

Тајните на тибетската медицина се уште се недоволно познати за западната цивилизација, но според искуствата, се смета за најсоврешена дијагностика и најцелосен персонален пристап на човекот како целина, со хармоничен живот во баланс со опкружувањето и природата, вклучувајќи го и духовниот и интелектуалниот развој.

Соња Стојановска