Компании

Нов предизвик на ФИТР: Стартап херои- Од супер идеја до супермаркет

22.04.2021 12:14

Можност за малите стартап претпријатија за комерцијален пласман на нивниот производ...

Фондот за иновации и технолошки развој започнува еден поинаков предизвик, насловен како „Стартап херои“ , прв проект кој се спроведува во рамките на Програмата за корпоративна иновативност. Предизвикот се реализира во соработка со Тинекс, а поддржан е од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и  Фактор траст -финансиско друштво за факторинг.

„Стартап херои“ е вистинска можност за малите стартап претпријатија кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, преку предизвикот, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на Тинекс.

Сите наградени производи  ќе се најдат на посебно обележани полици, на однапред дефинирани продажни локации на Тинекс и ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите. Соработката подразбира и вклучување на производите во интегрирана дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.

Буџетот предвиден за овој предизвик изнесува 7 милиони денари од кои ФИТР обезбедува 6, а ИМЕ  1 милион, со максимален износ по апликација од 600,000 денари. На повикот можат да аплицираат компании кои од своето основање до моментот на поднесување на апликацијата, не се постари од шест години.