Индија

Рекорден број на нови случаи во Индија

22.04.2021 13:06

Индија е погодена од силен втор бран, а акутниот недостиг на кислород предизвикува зголемен страв поради преоптоварениот здравствен систем...

Индија во изминатите 24 часа регистрираше 314.835 нови случаи на коронавирус, што е најголем број за еден ден во една земја од избувнувањето на пандемијата, соопштија локалните здравствени власти. Со тоа бројот на заразени лица во земјата се искачи на 15,9 милиони од почетокот на епидемијата.

Индија е погодена од силен втор бран, а акутниот недостиг на кислород предизвикува зголемен страв поради преоптоварениот здравствен систем.

Тоа беше причина за највисокиот суд во Делхи јавно да ја критикува централната влада за нејзиното справување со кризата.

„Ова е смешно. Ние сакаме да знаеме што прави центарот во однос на снабдувањето со кислород низ Индија“, рекоа судиите.

Многумина починаа низ целата земја чекајќи кислород, иако не е возможно да се знае колкав е бројот. 

Властите во најтешко погодената држава Махараштра најавија дополнителни ограничувања почнувајќи од четвртокот навечер. Областа веќе е делумно заклучена од 14 април.

Махараштра е најбогатата индиска држава и дом на нејзиниот финансиски центар Мумбаи. Таа е жариште на Ковид од почетокот на пандемијата, бидејќи една таму се пријавени една четвртина од вкупниот број случаи во Индија.

Индија, која има 1,4 милијарди жители, досега потврди повеќе од 180.000 смртни случаи од Ковид-19. Досега вакцинирани се 130 милиони луѓе.