САД

Ден по пресудата на Шовин, полицајци убија уште еден Афроамериканец

22.04.2021 14:38

Масовни протести во САД против полициската бруталност и расизмот. Усмртен уште еден афроамериканец...

Масовни протести во Северна Каролина поради нов случај со полициско насилство и малцинските заедници. Ден по пресудата за поранешниот полицаец Дерик Шовин, офицерите усмртија уште еден Афроамериканец. При претрес во Елизабет Сити е застрелан 40-годишниот Ендрју Браун кој се обидел да замине со автомобил по што кон него бил отворен оган. 

Чекаше да си ги врати децата, беше добар човек. Сега децата веќе нема да можат да го видат. Не мораа да го убијат така.

Ни кажаа дека полицаец го сторил тоа. Сега да одат да го уапсат како Шовин.

Ова мора да запре, мора да се реагира за да можат луѓето со таква моќ да го запрат ова. Ни треба помош“- велат граѓаните.

Бунт против полицијата и во Колумбус, Охајо откако офицер кој интервенирал по повик за помош застрелал 16-годишна девојка. Афроамериканката Макија Брајант со нож се обидела да нападне поединец од групата по караницата. Офицерот кој ја уби е на платено отсуство. Администрацијата во Вашингтон најавува реформи во системот. 

Полициското насилство е непропроционално насочено кон афроамериканската и јужноамериканската заедница. Во фокусот на нашата работа е решавањето на системскиот расизам, како и усвојувањето на закони и легислативи кои ќе ги спроведат неопходните реформи во полициските оддели“, изјави Џен Саки, портпарол на Белата куќа.

Проблемот со полициската бруталност и расизмот беше повторно актуелизиран по убиството на Џорџ Флојд од офицерот Шовин кој беше прогласен за виновен по сите точки од обвинението. Невооружениот цивил почина поради задушување откако полицаецот му го пристискаше вратот со колено околу девет минути. По убиството, во САД почнаа масовни протести против дискриминацијата и насилството кон заедниците.

 

Маја С. Филдишев