Куманово

Не се знае кога ќе почне масовната имунизација во Куманово

22.04.2021 14:56

Верските заедници да не дозволат групирање во објектите, да забрза процесот на вакцинација на здравствените лица и пожарникарите, бара кумановскиот кризен штаб. Првиот човек на оваа општина, оценува дека епидемилошката состојба е повеќе од сериозна. Куманово е меѓу градовите во кои ќе се спроведува масовна имунизација, но се уште не е познато кога ќе почне да функционира регионалниот центар...

Не е познато кога ќе почне да функционира регионалниот центар за вакцинација во Куманово. Општината се уште чека официјален допис од Министерството за здравство, за да ги почне подготовките. Првиот човек на Куманово информира дека засега контактите се на ниво на претставници, но нема конкретни информации. Вели во опција се неколку училишни спортски сали, со обезбеден паркинг простор.

-Верувам дека ресорното министерство кое директно е одговорно за спроведување на постапката за масовна вакцинација на граѓаните, ќе изнајде сили, час поскоро да биде отворен овој пункт за вакцинација, да бидат обезбедени вакцини, да се даде листа на приоритети, и нашите граѓани масовно да тргнат во вакцинација. Засега за жал каскаме во тој процес, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Куманово се уште е меѓу градовите со најголем број регистирани новозаболени од Ковид-19. Во болницата се хоспитализирани над 100 пациенти, а бројката на активни случаи се искачи до 1.200. 

-Епидемиолошката состојба е повеќе од сериозна. Многупати реков да го искористевме примерот на Дебар и Куманово да влезеше во карантин уште минатата година, веднаш по неколкуте први случаи кои што ги имавме, ние можеби денеска ќе бевме во слична состојба како Дебар, со најмал број на позитивни случаи во државата. Но тоа е што е, не се послушаа одлуките и препораките на општинскиот штаб за заштита и спасување и денеска сме град со голем број на позитивни случаи, каде што имаме и висока смртоност, нагласи Димитриевски.

Кризниот штаб на Куманово излезе со барање да се забрза вакцинацијата на здравствените лица и на пожарникарите, а пазарите да побараат помош од полицијата, доколку не се почитуваат мерките.

Општинскиот штаб за заштита и спасување од Куманово апелираше до верските заедници во периодот што следи да им укажат на граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита. Имено, при влезот во објектите да им се мери температура, да носат заштититни маски, како и да се одржува она потребно растојание. 

 

Елена Георгиевска