Димитров денес и утре ќе престојува во работна посета на Летонија и Литванија
Во рамки на денешната посета на Летонија вицепремиерот оствари средба преставниците на летонскиот парламент, на која беше реафирмирана поддршката Македонија да ги отпочне пристапните преговори со Унијата...

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Летонија и Литванија, каде со високите претставници на двете земји ќе разговара во контекст на поддршка за европското досие на Северна Македонија.
Вицепремиерот ќе ја пренесе пораката за неодложната потреба од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, како прашање од стратешки интерес за регионот и за Европа.
Во рамки на денешната посета на Летонија вицепремиерот оствари средба преставниците на летонскиот парламент, на која беше реафирмирана поддршката Македонија да ги отпочне пристапните преговори со Унијата.
„Латвиското искуство во евроинтегративниот процес внесе свежа енергија и надеж за консолидирање на европскиот континент. Искрената и пријателска поддршка е голем поттик за продолжување на реформите, а парламентарната соработка е еден од конкретните показатели во таа насока, што придонесува за унапредување на демократијата“, изјави вицепремиерот Никола Димитров.
Во текот на денов вицепремиерот ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Едгарс Ринкевичс.
