Ивановски: Очекуваме „Пеј Пал“ наскоро да дојде во Македонија

21.03.2014 11:18

Министерот за информатичко општество се надева дека со воспоставувањето на првиот јазол во Македонија за интернет конекција ќе се овозможи уште поголема конкуренција во пазарот на интернет, ќе се постигнат намалени цени, подобри пакети на многу побрз интернет...

Инфраструктурата на македонскиот пазар веќе подолго време е подготвена за влез на светски познатиот систем за онлајн плаќање „Пеј Пал“ и се очекува набрзо нивните услуги да функционираат и на нашиот пазар. Ова во интервју за првиот Дневник на МРТ1 вчера го изјави минитерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

„Бидејќи подолго време нашата инфраструктура е подготвена за ’Пеј Пал’ да влезе во Македонија, очекуваме нивните диркетори да одлучат, кога тоа ќе биде добар момент за нив. А од оние информации кои ги поседувам, од мојот контакт кој го имам со нив се надеваме дека тоа ќе биде за многу брзо време“, нагласи Ивановски во интервјуто.

Министерот Ивановски во интервјуто објасни дека Македонија е рангирана на 37-то место од таканаречениот „Е-фрикција-коефициент“, што значи дека нема отпор, односно има многу мал отпор од поставеноста на целото информатичко општество за да заживее електронската трговија.

„Тоа е за нас едно достигнување кое што ’Бостон Консалтинг груп’ го изнесе во Давос, за прв пат оваа година и за прв пат направи такво рангирање“, рече Ивановски.

Министерот за информатичко општество се надева дека со воспоставувањето на првиот јазол во Македонија  за интернет конекција ќе се овозможи уште поголема конкуренција во пазарот на интернет, ќе се постигнат намалени цени, подобри пакети на многу побрз интернет.