Дигитални учебници

Учениците од четврто одделение и погорните одделенија од септември ќе учат од дигитални учебници

22.04.2021 17:39

Училиштата во текот на летото ќе се опремуваат со дигитализирани библиотеки. Младите сакаат промени, вели министерката Царовска...

Учениците од четврто одделение и погорните одделенија од септември ќе учат од дигитални учебници, но доколку сакаат наставата да ја следат од печатен учебник тоа ќе им биде овозможено. Новата наставна програма ќе можат да ја отпечатат самите, ранливите категории учебникот ќе го добијат од училиштето. Концептот е подготвен пред два месеца. Училиштата во текот на летото ќе се опремуваат со дигитализирани библиотеки. Младите сакаат промени, вели министерката Царовска, според неа тешко е да се прифати намалувањето на вредноста на хартијата и на моливот, но светот се дигитализира, тоа е иднината.

-Сретнете ученици и прашајте ги колку време поминуваат на дигиталните уреди, за што ги користат, дали учат на нив и дали кога некој ученик ќе го прашате прашање кое што не го знае, оди да ја отвори првата енциклопедија во училишната или домашната библиотека или го отвора својот смартфон и пребарува на википедија. Тоа е современиот свет во кој што нашите млади живеат, изјави Мила Царовска, министер за образование.

Со укинувањето на печатените учебници власта спроведува социјална поделба во земјава, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Околу 25 илјади ученици припаѓаат на најранливата категорија граѓани, 1300 од нив немаат струја во домовите, стотици ученици не можат да следат он-лајн настава бидејќи немаат ниту компјутер ниту интернет.

-Учебниците наместо МОН, според Царовска ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца. Образованието веќе нема да биде бесплатно, а социјалната нееднаквост меѓу учениците ќе се зголемува, изјави Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со помош на британската амбасада, родителите доколку изберат ќе  имаат можност во прво одделение децата да ги запишат преку интернет. Дигитално се достапни потребните  документи за упис, а во училиште треба да одат само за тестирање на детето.

 

Андријана Атанасовска